Кандидатот за градоначалник на Скопје, Ѓорѓиевски се сретна со Трифун Костовски
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера оствари средба со Трифун Костовски, поранешен градоначалник на Скопје. Средбата се одржа во пријателска и отворена атмосфера, со цел да се разменат мислења за развојот и подобрувањето на градот.
„Имав чест да се сретнам и на едно пријателско кафе да поразговарам со Трифун Костовски, поранешен градоначалник на градот Скопје – човек со искуство и љубов кон нашиот град.
Разговаравме за тоа како Скопје треба да изгледа. Исто така, дискутиравме кои чекори треба да ги преземеме за да го направиме достоинствено, попривлечно и модерно место за живеење. Трифун сподели прекрасни и многу издржани идеи. Благодарам за поддршката и за желбата да придонесеме за подобро Скопје, заедно“, напиша Ѓорѓиевски.
Средбата, според најавите, има за цел и идна соработка во насока на развој на урбаните проекти и подобрување на условите за граѓаните. Ѓорѓиевски истакна дека размислувањата на Костовски се корисни и инспиративни за планирање на нови активности во Скопје.