Прилепските комуналци денеска чистеа неколку диви депонии во боровата шума и во ендеците по патот кон манастирот Трескавец.
Иако овој пат води до едно од најпосетуваните светилишта од прилепчани, како и од бројните странски туристи, несовесни граѓани не бирале место па исфрлиле домашен комунален отпад, остатоци од стари кревети, градежен и електронски отпад, како и комерцијален отпад.
Денеска се чистеше и по обиколниот пат околу Градските гробишта каде беше исфрлен домашен отпад: јоргани, постелнини, керамички и пластичен отпад од домаќинствата.
Од прилепското јавно комунално претпријатие „Комуналец” апелираат до граѓаните да имаат коректен однос кон животната средина, да не го нагрдуваат визуелниот изглед на природата и да не ги загадуваат почвата и подземните води со исфрлањето отпад во околината на градот.
За секој вид отпад, граѓаните и бизнис-секторот да се информираат и обраќаат на телефоните на јавното комунално претпријатие.
Во зависност од временските услови, прилепски „Комуналец” продолжува со чистењето на дивите депонии. Неделава е во план да се чистат неколку диви депонии по патот до викенд-населбата Маркова чешма.