Почетокот на примирјето меѓу Израел и палестинското движење Хамас во Газа, кој требаше да започне во 8:30 часот (по локално време), е одложен откако Хамас не ги соопшти имињата на заложниците кои ќе бидат ослободени, изјави портпаролот на израелските вооружени сили, Даниел Хагари, цитиран од светските агенции.
Спорот не беше решен во определеното време. Хагари рече дека израелските одбранбени сили (ИДФ) „продолжуваат да напаѓаат, дури и сега, внатре во арената Газа“ и ќе продолжат додека Хамас не ги исполни своите обврски.
Во кратката, телевизиска изјава, Хагари рече дека политичкиот ешалон и наредил на ИДФ да го одложи спроведувањето на прекинот на огнот и дека ја задржува слободата да продолжи со нападите во Појасот Газа додека не стапи на сила примирјето.
Портпаролот рече дека ИДФ е целосно подготвена да го спроведе прекинот на огнот, но и дека е подготвена да дејствува доколку Хамас ги прекрши условите.
Во меѓувреме, Израел објави дека го пронашол телото на Орон Шаул, војник кој беше убиен во војната меѓу Израел и Хамас во 2014 година, во специјална операција. Телата на Шаул и уште еден војник, Хадар Голдин, останаа во Газа по војната во 2014 година и не беа вратени и покрај јавната кампања на нивните семејства.
Претходно денеска, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и нареди на војската на земјата да не започнува прекин на огнот во Појасот Газа доколку Хамас не ги објави имињата на заложниците што треба да ги ослободи, а набргу потоа Хамас објави дека групата сè уште не му доставила список на Израел од заложниците „од технички причини“.
Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас требаше да стапи на сила денеска во 8:30 часот по локално време, а во текот на првата фаза, која се очекува да трае шест недели, 33 од 98-те преостанати израелски заложници, меѓу кои и жени, деца, мажи над 50 години, болни и ранети се планира да бидат ослободени.
За возврат, Израел ќе ослободи речиси 2.000 Палестинци од своите затвори