Хари повторно во Киев со поддршка за рехабилитација на воениот персонал

Британскиот принц Хари вчера пристигна во Украина со тим од својата фондација „Invictus Games“, со цел да ги презентира плановите за поддршка и рехабилитација на ранетите војници. Ова е негово второ патување годинава, по априлската посета на центарот за ранет воен персонал во Лавов, кога тој ги разгледа потребите на повредениот персонал и се информираше за програмите за закрепнување.

Хари, кој десет години служеше во британската армија пред да ја основа фондацијата „Invictus Games“, ја користи својата организација за организирање меѓународен спортски настан наменет за ранети војници. Во Киев, тој беше поканет од премиерката Јулија Свириденко и Олга Руднева, директорка на центарот за рехабилитација „Superhumans“.

За време на посетата, Хари имаше приватни средби со министерката за прашања на бранителите, Наталија Калмикова, и со премиерката, а подоцна положи венец на плоштадот Мајдан.

– Не можеме да ја запреме војната, но можеме да направиме сè за да помогнеме во процесот на закрепнување, изјави Хари за „Гардијан“ во ноќниот воз кон Киев, додавајќи дека пред патувањето добил дозвола од британската влада и од својата сопруга.

Посетата следува по четиридневниот престој на Хари во Велика Британија, каде по 20 месеци се сретна со својот татко, кралот Чарлс.