Косовските власти, по согласноста на Европскиот парламент за визна либерализација со Косово, вчера им порачаа на косовските Срби кои имаат пасоши издадени во Србија дека можат да ги заменат за косовски документи во следните осум месеци за да можат без визи да патуваат во земјите од Европската Унија.
Европскиот парламент во вторникот го поддржа договорот на ЕУ и Косово за укинување на краткорочните визи, што на граѓаните на Косово ќе им овозможи патувања во Унијата, а на граѓаните на државите членки на ЕУ на Косово без визи во период од 90 дена.
Косовскиот вицепремиер Бесник Бислими изјави денес дека, по потпишувањето на актот за визна либерализација, сите сопственици на пасоши издадени во Србија имаат рок од осум месеци да земат „регуларни косовски документи“, објави Косово онлајн. „Белград не е на Косово. Кој има пасош издаден во Белград, се надевам дека ќе го искористи периодот од осум месеци да го смени“, кажа Бислими.
Тој вети дека владата во Приштина ќе направи сè за да го забрза тој процес и дека до 1 јануари следната година „сите граѓани на Косово ќе имаат легален и валиден пасош“. Холандскиот пратеник во ЕП и автор на Договорот за визна либерализација Тијс Рутен истакна дека Косово, како последна земја од Западниот Балкан, се придружило на безвизниот режим.
На прашањето можат ли косовските Срби кои имаат пасоши издадени во Србија, која исто така е во режимот на визна либерализација, сепак слободно да патуваат со тие документи по одлуката за либерализација на визите ЕУ-Косово, Рутен порача дека не можат.
„Одлуката е многу внимателно донесена. Државјаните на Косово со косовски документи ќе можат слободно да патуваат“, кажа тој.
Визната либерализација ќе стапи на сила кога ќе се воспостави Европскиот систем за информации и овластувања за патувања, а најдоцна на 1 јануари 2024 година. Србија не ја признава еднострано прогласената независност на Косово и го смета за своја покраина.
Покрај пасошите и другите документи, српските власти на косовските срби им издаваат и регистарски таблички, кои во претходните месеци беа причина за една од кризите на Косово.