Пристапување кон Европската унија за Македонија е процес со сериозни предизвици
Еврокомесарката за проширување Марта Кос ја опиша Македонија како една од трите најтажни приказни на Балканот. Нејзината изјава се однесува на застојот во процесот на пристапување кон Европската унија.
Во интервју за Радио Слободна Европа, Кос нагласи дека фрустрацијата што ја доживува Македонија е симбол на застојот во европските интеграции.
„Косово е тажна приказна затоа што не може да тргне понатаму. Втора тажна приказна е Македонија. Знаете, кога со Украина би чекале онолку колку што со Македонија чека на почеток на преговорите, Украина тогаш би почнала со преговори 2045 година. Тука е секако и Босна и Херцеговина,“ изјави Кос.
Црна Гора и Албанија поблиску до членство
Коментирајќи ја ситуацијата во регионот, Кос ги издвои Црна Гора и Албанија како земји кои најбрзо напредуваат кон полноправно членство во Унијата. Според неа, тие би можеле технички да го завршат процесот на преговори во наредните години.
„Би можеле да го направиме тоа со Црна Гора. Сите поглавја се отворени, па затоа ги затвораме за да можеме да го завршиме процесот на крајот на 2026 година од техничка гледна точка. Со Албанија, би можеле да го завршиме процесот од техничка гледна точка до крајот на 2027 година. Зошто велам од техничка гледна точка? Бидејќи станува збор за постапка на преговори, а земјите кандидати мора да спроведат реформи, но потоа на земјите-членки е да одлучат дали ќе станат членки или не,“ истакна Кос.
Иако упати охрабрувачки пораки, Кос засега нема планирана посета на Македонија. По посетата на Црна Гора на почетокот на годината и на Бугарија пред десетина дена, таа моментално престојува во Србија. Кос ќе се сретне со претставници на власта и на опозицијата.
Извор: Сител