Пристигна втората донација од Србија, акт на огромно пријателство кое доаѓа во многу значајно време за нас.Се работи за два пати по 20 000 вакцини од „Спутник В“ кои ги добиваме од пријателска Србија во период кој е многу важен за да продолжи континуитетот на масовната вакцинација во земјата, истакна денеска премиерот Зоран Заев по повод пристигнувањето на нова пратка на вакцини пред Институтот за трансфузиона медицина, кој е во составот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Република Србија, посочи премиерот, помогна со првите 8 000 вакцини од „Фајзер“ за да можеме да ги вакцинираме нашите херои, тоа се здравствените работници, лекарите и медицинските сестри кои работат во ковид центрите.

Сега кога почна масовната вакцинација во нашата земја со 24 000 вакцини од „Астра Зенека“ од Ковакс системот, која почна вчера, за да може да не прекине динамиката и континуитетот на вакцинирање овие два пати по 20 000 вакцини се навистина драгоцени за да можеме додека стигнат нашите количини кои се нарачани од Ковакс механизмот од ЕУ, директните договори со Кина, со Руската федерација за вакцините „Спутник“, од „Фајзер“ кои ги имаме договорено, да го продолжиме процесот на вакцинација во континуитет. Овие 20 000 кои се само првата квота, а после следува и втората, рече Заев.

Потенцира дека согласно информациите од Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче, освен во сите здравствени домови во државата кои почнаа со масовната вакцинација, подготвена е и салата „Борис Трајковски“, а се подготвуваат и други објекти со цел без прекин таа да се одвива.

Од името на целиот наш македонски народ и од името на Владата сакам да изразам голема благодарност на братскиот пријателски српски народ кој сподели со нас во вака значајни моменти огромни значајни количини вакцина. Да се заблагодарам на претседателот Вучиќ, на премиерката Брнабиќ, на целото раководство на Република Србија затоа што од пратката од 100 000 вакцини 20 000 споделија со нас или од вкупно 200 000 вакцини од „Спутник“ 40 000 поделија со нас. Тоа е огромен чин на пријателство, помош која доаѓа во драгоцено време, ние тоа ќе го почитуваме и никогаш нема да го заборавиме. Пријателите си помагаат тогаш кога е најтешко, а ова за нас се исклучително тешки и значајни моменти и затоа изразуваме посебна почит и благодарност кон српскиот претседател, српскиот народ и раководството на Србија, истакна Заев.

Упати порака до сите граѓани да влезат комплетно во системот на масовна вакцинација.

Нагласи дека како претседател на Владата се пријавил онлајнза вакцинација и додаде дека Владата и министрите го направиле истото.

Апелирам до граѓаните да се пријават за да им олеснат на здравствените служби, секако да имаат појасна евиденција и да го спроведат точно прецизниот здравствен протокол. Сите вакцини се проверени, меѓународно тестирани и навистина колку побрзо заврши процесот на имунизација толку побрзо ќе заврши оваа борба со овој невидлив непријател пандемијата од Ковид-19. Овде сме сите во оваа битка, но покажавме колку сме и солидарни, колку сме блиски и колку можеме да си помагаме. Да тргнеме секој од нас со својата граѓанска одговорност да го почитуваме протоколот на вакцинирање и да бидеме пример за сите, примајќи ја вакцината за да можеме да ги отвориме границите за да можеме и слободно да шетаме, да општиме, секојдневно да ги завршуваме нашите работи и конечно да завршат сите овие пречки во нашите животи, додаде Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче се заблагодари за донацијата со која, како што рече се овозможува континуитет на веќе почнатиот процес на имунизација и побрз почеток вклучување на поголеми групи од критичната инфраструктура согласно Националниот план за имунизација.

Сега кога веќе се достапни во нашата земја и овие вакцини, претходните околу 5.000 преостанти од „Астра Зеника“ ги вклучуваме во веќе постојниот систем, којшто процес на имунизација ширум здравствените домови добро се спроведува за да се дополни бројката на постарите граѓани кои се веќе пријавени со тоа што се проширува сега и возрасната група. Вакцините на „Спутник“ ќе бидат во еден дел да се надополнат уште повеќе овие критични категории на граѓани, но и за почеток на оние категории кои веќе ги најавивме согласно најавата дека ќе ја чекаме и официјалната потврда на Агенцијата ЕМА и нивното мислење за тоа дали на помлади групи на граѓани може да се даде вакцината „Астра Зенека“, ние сега тој процес ќе го започнеме токму со оваа количина од вакцината на „Спутник“, рече Филипче.

Тоа, појасни, значи се се одвива според планот, така како што се испланирани и следните дози да стигнат во нашата земја и од ЕУ, и кинеската, руската вакцина, „Фајзер“, тоа значи дека ќе имаме и континуитет и се поголемо вклучување на се поголеми групи на граѓани согласно националниот план за имунизација.

Солидарноста многу пати во оваа криза се покажа дека е многу битна посебно во почетокот на делот на помошта, размената на информациите и посебно сега во делот на вакцините. Искрено верувам дека достапноста на вакцините не само за нас, туку и за сите земји во светот значајно ќе се зголемува во месеците што се пред нас, додаде Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање премиерот Заев рече дека со овие два пати по 20 000 вакцини од Србија ќе имаме 78 000 вакцини, што е многу значајно, а од Србија се 48 100 вакцини.

 Јас како претседател на Владата, министерот за здравство и другите министри во Владата вртиме телефони насекаде во светот, се трудиме да донесеме вакцини час поскоро, додаде Заев.