Западните земји ќе се изложат на „колосални ризици“ доколку ѝ снабдат на Украина борбени авиони Ф-16, руската новинска агенција Тасс го цитираше денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко.

Грушко одговараше на прашање за импликациите од испраќањето млазни авиони, кои Украина ги бара од земјите-членки на НАТО.

Киев го нема сè уште обезбедено ветувањето за испраќање на авионите, но американскиот претседател Џо Бајден вчера им кажа на водачите на земјите членки на Г7 дека Вашингтон ги поддржува програмите за обука на украински пилоти на авиони Ф-16, изјавија високи американски претставници.

„Гледаме дека западните земји продолжуваат да се придржуваат до сценариото за ескалација. Тоа вклучува колосални ризици за нив самите“, рече Грушко.

„Во секој случај, тоа ќе биде земено предвид во сите наши планови и ги имаме сите потребни средства за да ги постигнеме целите што си ги поставивме“, додаде тој.