Воената сила „секогаш е опција“, порачува Белата куќа
Соединетите Американски Држави разгледуваат повеќе опции за воспоставување контрола врз Гренланд, а користењето на воена сила не е исклучено, соопшти Белата куќа. Од Вашингтон велат дека прашањето е поврзано со националната безбедност и со стратешките интереси на САД во Арктикот.
„Претседателот Трамп стави до знаење дека воспоставувањето контрола врз Гренланд е приоритет на националната безбедност на Соединетите Американски Држави и дека е од витално значење да се одвратат нашите противници во арктичкиот регион. Претседателот и неговиот тим разговараат за низа опции за остварување на оваа важна цел на надворешната политика и, секако, користењето на американската војска е опција што секогаш му е на располагање на врховниот командант“, стои во соопштението на портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, кое го пренесуваат светските медиуми.
Реакција од Европа и НАТО: „Гренланд припаѓа на неговите луѓе“
Изјавата од Вашингтон следи по заедничко соопштение на лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Велика Британија и Данска. Во документот се нагласува дека безбедноста на Арктикот е врвен приоритет за НАТО, сојуз во кој членуваат и САД и Данска, а Гренланд е дел од данската територија.
„Гренланд припаѓа на нејзините луѓе. Данска и Гренланд, и само тие, треба да одлучуваат за прашања што се однесуваат на Данска и Гренланд“, се наведува во заедничката изјава. Во продолжение се додава дека сојузниците „го зголемиле присуството, активностите и инвестициите за да ја осигураат безбедноста на Арктикот и да ги одвратат противниците“.
Данска ја отфрла идејата за откуп, темата оди на итни средби
Истовремено, данскиот министер за надворешни работи Расмусен ја отфрли и идејата што ја спомена американскиот државен секретар Марко Рубио, според која целта на САД би била откуп на островот од Данска, а не воена акција. Според најавите, ова прашање ќе биде тема и на итна средба меѓу Рубио и министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд.
Американскиот претседател Доналд Трамп во последните денови повеќепати повтори дека сака да преземе контрола над Гренланд, идеја што првпат јавно ја изнесе во 2019 година, за време на неговиот прв мандат. Иако европските лидери подолг период ги игнорираа ваквите изјави, по неодамнешниот напад врз Венецуела, дел од аналитичарите оценуваат дека вакво сценарио веќе не изгледа целосно нереално.
Според тие проценки, ниту Данска, ниту нејзините европски сојузници немаат воена сила што би можела да спречи евентуална американска акција. Со тоа, повторно се отвора пошироката дебата за безбедноста во Арктикот, иднината на НАТО и судирот на интересите на големите светски сили.
