Официјална Бугарија се соочува со зголемен притисок откако Комитетот за човекови права на Обединетите нации побара да му исплати оштета на етнички Македонец и да ја преиспита одлуката со која е одбиена регистрација на македонска организација.
Утврдена повреда на правото на здружување
Во своите ставови, Комитетот заклучил дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на подносителот на жалбата, кој бил коосновач на непрофитна организација за човекови права. Според наодите, бугарските судови го одбиле барањето за регистрација без да понудат јасно и валидно правно образложение.
Комитетот побарал од Софија да ги преиспита домашните судски одлуки, да обезбеди соодветна компензација за подносителот на жалбата, вклучително и надомест на таксите и правните трошоци, како и во рок од 180 дена да достави извештај за преземените мерки.
Судските одлуки оценети како нејасни и формалистички
Случајот се однесува на историчар, етнички Македонец, кој бил член или коосновач на повеќе здруженија на Македонци во Бугарија. Тој тврдел дека ниту една од организациите не била регистрирана поради политика со која се негира македонскиот етнички идентитет.
Во конкретниот случај, подносителот побарал регистрација на невладина организација „Комитет за заштита на човековите права – Толеранција“, врз основа на националниот закон за непрофитни правни лица. Иако ги доставил сите потребни документи и дополнителни информации, судот ја одбил регистрацијата, цитирајќи законски одредби без детално образложение, а одлуката подоцна била потврдена и од апелацискиот суд.
Комитетот оценил дека ваквите судски одлуки биле нејасни и претерано формалистички, при што домашните органи не ги разгледале дополнителните информации ниту објасниле кои законски одредби биле прекршени.
Повик за почитување на демократските стандарди
„Целосното остварување на правото на слобода на здружување е камен-темелник на демократското општество“, изјави Ивон Дондерс, членка на Комитетот.
Таа нагласи дека здруженијата кои мирно промовираат толеранција и коегзистенција мора да бидат заштитени, дури и кога нивните ставови не се совпаднуваат со оние на властите или мнозинството.
Комитетот исто така посочил дека судството има клучна улога во гарантирањето на слободата на здружување и дека заштитата на владеењето на правото е суштинска за демократското општество.
На крајот, Комитетот повторно ја повика Бугарија да ги преиспита одлуките и да обезбеди компензација за подносителот, нагласувајќи дека државите кои го ратификувале Меѓународниот пакт за граѓански и политички права имаат обврска да постапуваат во согласност со неговите одредби и со ставовите на Комитетот.
