Притисокот врз Киев за мирен договор останува

Подготвеноста на украинскиот претседател Володимир Зеленски условно да се откаже од настојувањата за членство во НАТО, изразена во пресрет на берлинските разговори, ја одбележа најновата рунда преговори меѓу Украина, САД и европските сојузници, која денеска заврши во Берлин без изјави за јавноста.

Средбата траела околу 90 минути и во неа учествувале соработници на претседателот на САД Доналд Трамп, неговиот специјален пратеник Стив Виткоф и зетот Џаред Кушнер, заедно со Зеленски и европски функционери. Претходната, вчерашна рунда разговори, траела пет часа.

Разговорите се водат во рамки на напорите на Киев, САД и нивните европски сојузници да се најде решение за завршување на речиси четиригодишната руска војна против Украина, додека Вашингтон врши притисок врз Киев брзо да прифати мировен договор, чиј нацрт го подготвиле САД.

По вчерашниот состанок, американската влада на социјалните мрежи објави дека е „постигнат голем напредок“.

Како една од најсериозните пречки во преговорите останува прашањето за контролата врз источната украинска област Доњецк, чиј поголем дел е под окупација на руските сили. Овој прашање е главен дел од Притисокот врз Киев.

Во пресрет на разговорите, Зеленски го промени ставот и изрази подготвеност Украина да се откаже од настојувањата за влез во НАТО, доколку САД и другите западни земји ѝ обезбедат на Украина безбедносни гаранции слични на оние што ги имаат земјите-членки на западната воена алијанса.

Истовремено, Украина продолжи да го отфрла американскиот притисок да ѝ отстапи дел од територијата на Русија. Рускиот претседател Владимир Путин бара Украина да ги повлече своите сили од делот на Доњецката област што сè уште е под украинска контрола, поставувајќи го тоа како еден од клучните услови за мир.

Путин настојувањето на Украина за членство во НАТО го претставува како главна закана за безбедноста на Русија и како причина за започнување на инвазијата во февруари 2022 година. Кремљ инсистира откажувањето од намерата за влез во алијансата да биде дел од мировниот договор.

Зеленски нагласува дека западните безбедносни гаранции мора да бидат правно обврзувачки и поддржани од Конгресот на САД.

Кремљ денеска соопшти дека очекува американската страна да го информира за содржината на разговорите што се одржаа во Берлин.

На прашањето дали преговорите би можеле да завршат до Божик, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека обидот да се предвиди потенцијална временска рамка за мировен договор е „неблагодарна задача“.