Основното јавно обвинителство и официјално побара мерка притвор за 22-годишниот Ј.Ѓ. кој вчера вечер смртно ја прегази 24-годишната Викторија од Радовиш.

-Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците или вештаците и со тоа да ја попречува кривичната постапка, како и оправдан страв дека би можел да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, соопшти ОЈО.

Тој се товари сторени две кривични дела. Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

-Осомничениот, на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило Цитроен Ц4 по булеварот „Партизански одреди“. Кога дошол до крстосницата со улиците „Московска“ и „Љубљанска“, каде светлосните сообраќајни знаци – семафори биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен не обрнал внимание на пешаците на коловозот. Спротивно и на членот 35, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, осомниченио управувал со автомобилот со брзина поголема од 50 километри на час, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба. Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Оштетената девојка притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница. Осомничениот возач ги оставил без помош повредените лица и останал во своето возило до доаѓањето на увидната екипа, се вели во дописот од ОЈО.