Притвор за три лица, на возраст од 37, 21 и 18 години, за недозволена трговија со марихуана.
Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица на кои им се става товар дека како соизвршители сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
– Осомничените, на возраст од 37, 21 и 18 години, по претходен договор организирале пренос на наркотична дрога – марихуана. Првиот осомничен ги ангажирал другите двајца и им го дал своето возило на управување. На 5 април сите тројца во два автомобили тргнале од Скопје кон Неготино. Таму осомничениот неовластено набавил над 71 килограм марихуана, спакувана во четири патни торбички. Дрогата ја ставиле во еден од автомобилите и тргнале да се враќаат кон Скопје, известуваат од ЈО.
Во текот на истражната постапка, по насоки на јавниот обвинител веќе се преземаат дејствија за да се утврди каде лицата ја набавиле дрогата.
– Постапувајќи по предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци на трите лица синоќа им определи мерка притвор во траење од 30 дена, соопштуваат од ЈО.