Договорот помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и приватните превозници денеска добива своја конкретна завршница со која скопјани од наредниот месец би требало да имаат понормален градски превоз во споредба со изминатите месеци кога бројот на автобуси беше редуциран на сите линии.
Град Скопје, како што најави, денеска објави јавен повик со кои се бараат превозници на дури 16 линии. Линиите се поделени во три пакети, за кои се наведени и минималните потребни техничко – технолошки елементи за одржување на линиите.
Според огласот, во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55. За автобусите да можат редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. И третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи, пишуваат од Сободен печат.
Станува збор за линии на кои на повеќето до пред четири месеци возеа само превозниците од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, а по нивниот протест и откако им беа прекинати договорите поради неизвршување на обврските, нив ги „покриваше“ ЈСП Скопје. Сега, според објавениот оглас и во наредниот период по изборот на превозниците само на дел од овие линии ќе сообраќаат заеднички и приватниците и ЈСП и тоа, како што е наведено на линиите 9, 19, 22, 62, 61 и 63, додека на останатите 10 линии од огласот ќе возат само приватниците што ќе бидат избрани на огласот.
За разлика од претходните два огласа, овој треба да биде успешен, затоа што приватните превозници предводени од Јовица Зафировски, по средбите во Град Скопје, изјавија дека ќе се пријават на огласите затоа што им одговараат условите што им биле понудени.
На тој јавен повик ќе се пријавиме сите, нема причина да не се пријавиме, условите ни одговараат. Очекуваме дека до 20-ти овој месец ќе почнеме со работа, рече Зафировски по средбата.
Сепак, враќањето на приватните автобуси на улиците нема да се случи толку рано затоа што крајниот рок за поднесување на пријавите на јавниот оглас е 21 март 2023 година до 12 часот, а отворањето на понудите ќе се одржи точно напладне на 27 март во Град Скопје.
Доделувањето на пакетите – линии утврдени во точка 1.2 на овој оглас, ќе се изврши по пат на евалуација на поднесените комплетни и навремени затворени пријави, врз основа на утврдени критериуми наведени во документацијата за јавен оглас. Отворањето на поднесените затворени пријави ќе се одржи на ден 27 март 2023 година во 12 часот во барака број 13, се вели во огласот.
Пакетите линии ќе се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години.
Во однос на изборот на превозници што ќе го вршат јавниот превоз на бараните линии, во огласот се наведени неколку критериуми со кои ќе се врши изборот на најповолната понуда како што се возен парк, човечки ресурси, техничка логистика и искуство во вршењето на општински линиски превоз на патници.
На овој јавен повик, нема да можат да учествуваат „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ поради пречките кои произлегуваат од претходниот, сега раскинат договор кој предвидуваше забрана за учество на јавен повик доколку договорот се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина, информираа од Град Скопје деновиве.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.