Приватните превозници најавија дека е можно да ги ослободат од блокада крстосниците низ градот и да протестираат само пред Град Скопје. Како што кажаа на денашната прес-конференција, тие в сабота ќе имаат координативен состанок на кој ќе се донесе одлука за понатамошното делување.

„Бесот се` повеќе се фокусира кон главниот виновник за состојбата,  а тоа е управата на Град Скопје. Се стеснува кругот и на виделина излегува кој е крив за оваа ситуација и затоа е можно фокусот на протестите и блокадите да биде само пред Град Скопје“, рече Кемал Муриќ, раководител на секторот сообраќај и контола во „Слобода превоз“.

Приватните превозници со 200 автобуси четврти ден ги блокираат клучните крстосници во Скопје, кај Црвен крст, ТЦ „Мавровка“ и Илинденска кај Влада, и бараат Градот да им го исплати долгот од 1,5 милиони евра. Поради тоа градот е парализиран, жителите со саати возат од дома до работа, лекар или на училиште, на постојките нема автобуси кои и онака се ретки, а сега се заглавени и во метежот. Превозниците велат додека не добијат барем дел од долгот од 1,5 милион евра нема да се повлечат.

Градоначалничката Данела Арсовска, пак, јавно на седница на Советот изјави дека нема намера да им го  плати долгот на приватниците, им рече да ја тужат и четири дена откако Скопје е парализирано не се појавува во јавност туку се крие и не одговара ниту на новинарските повици и пораки.