Утрово Бирото за јавна безбедност (БЈБ) по налог на надлежниот Јавен обвинител приведе неколку лица меѓу кои и Ристо Крмзов, бизнисменот кој долги години профитираше како резултата на блиските врски со политички и еконoмски центри на моќ, кој конечно е принуден да одговара пред Законот. Човекот за кој јавна тајна беше дека со години пливаше во сенките на системот, штитен од политичко-бизнис елитата и кој се препознава како симбол на една епоха на институционализирана злоупотреба и системско државно ограбување.
Под маската на легален профит, преку фиктивно прикажување на добивки и симулирано плаќање на даноци, се изведувал организиран поврат на ДДВ. Со помош на фиктивни фирми, непостоечки физички лица од Косово и други земји, се оформувале лажни трансакции, само како параван за изигрување на законот. Нелегално стекнатите средства, преку монтирани државни исплати, завршувале во приватни џебови, а потоа се переле и легализирале преку градежниот сектор, кој со години беше омилен канал за перење пари.
Опфатени во пријавата се 15 правни лица и 23 физички.
И токму тука започнува да се поставува клучното прашање: Дали конечно се отвора пандорината кутија на струмичката бизнис-политичко-криминална елита?
Градежната експанзија на некогаш државниот, а денес приватизиран и разграбан имот, сомнителните одобренија за градби, нејасните кредити од домашни и странски банки, префрлањето имот на блиски фирми и роднини, поврзаноста со фирмите и капиталот на поранешни градоначалници и премиери – ја разоткриваат длабоката мрежа на интереси. Полека, но сигурно, паѓа маската и се поставува прашањето: кој е вистинскиот покровител и организатор на оваа мрежа на криминал?