Најмалку четири деца се убиени во средата во јужниот бразилски град Блуменау, во инцидент во кој напаѓач со секира упадна во градинка и по случаен избор ги нападна децата, соопштија локалните власти, пренесува Би-би-си.

Дваесет и петгодишен маж, кој влегол во градинката во 9 часот по локално време (14 часот по средноевропско време), повредил уште четири деца.

Од болницата соопштија дека сите повредени деца се на возраст до три години, пренесува Јутарњи лист.

Полицијата за локалните медиуми изјавила дека напаѓачот се предал и бил приведен.

Пожарникарите наведуваат дека во детските јасли во моментот на нападот имало околу четириесет деца и дека напаѓачот влегол во градинката прескокнувајќи го ѕидот. Се чини дека тој ги избрал своите жртви по случаен избор.

Вознемирените родители истрчале во градинката кога слушнале за трагедијата.

Градските власти ја прекинаа работата на образовните институции во градот најмалку до утре.

„Нема поголема болка од онаа на семејството кое изгубило деца или внуци, особено кога тоа се случило преку насилство врз невини деца кои не можат да се одбранат“, напиша на Твитер бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва.