Полицијата вчера поднесе кривични пријави по брза постапка против осум лица од Батинци за сторено кривично дело „изнуда“, соопшти МВР.

Како што појаснуваат, од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал поднесена е кривична пријава по брза постапка против осум лица, и тоа Ј.К.(34), М.Т.(47), Р.С.(51), Џ.Ќ.(46), Е.Ч.(42), М.Р.(32), С.Р.(33) и Б.Р.(34), сите од скопско Батинци.

– На 8-ми месецов, во СВР Скопје жител на Батинци пријавил дека на 5 јуни 2022 околу 20:30 часот во казино во село Батинци, каде по претходна вербална расправија со М.Т. бил повикан од Ј.К. и задржан подолго време, бил физички нападнат со тврди предмети од неколку лица. Тие со закани му изнудувале до денеска да им исплати 50.000 евра и му го одзеле патничкото возило „порше кајен“, во кое имало пари и лични документи, се вели во соопштението.

По утврдување на идентитетот на осумте сторители на кривичното дело, од страна на полициски службеници од СВР Скопје – Единица за интервентна полиција, во координација со ОЈО Скопје извршени се претреси во нивните домови и лишени од слобода се Ј.К., М.Т., Р.С., Џ.Ќ., Е.Ч., а за М.Р., С.Р. и Б.Р. е распишана централна потерница. По извршеното пребарување во околината од домовите на приведените лица, на стариот пат за село Количани, пронајдено е и одземеното патничко возило.

Од страна на Судија на претходна постапка на Ј.К. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на останатите четири приведени лица им се одредени мерки за безбедност.