Во 2030 година со воз од Скопје до Софија

Железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија влегува во завршната и најинтензивна фаза, откако беше потврдено дека 2030 година е рокот кога возовите ќе почнат да сообраќаат по Коридор 8. Ова беше соопштено на состанокот во Софија меѓу бугарскиот министер за транспорт Корман Исмаилов и амбасадорката Агнеза Руси Поповска.

Николоски: Брза пруга на коридор 10, доизградба на железничкиот коридор 8 и заедничкиот тунел со Бугарија. Продолжуваме со крупните проекти во железницата

Потврден рокот за железничко поврзување

На средбата било нагласено дека изградбата на железничката врска меѓу двете земји напредува според планираната динамика. Двете страни се согласиле дека 2030 година е крајниот рок кога ќе биде воспоставено железничкото сообраќање меѓу Скопје и Софија во рамки на Коридор 8.

Формиран заеднички комитет за проектот

По ратификацијата на договорот за изградба на заедничкиот прекуграничен тунел, веќе е формиран Заеднички комитет кој ќе го координира спроведувањето на проектот. Во меѓувреме, Бугарија веќе распишува тендери за делницата од Ѓуешево до границата.

Пробиен последниот тунел кај Крива Паланка

На македонска страна, работите исто така напредуваат. Веќе е пробиен и последниот од вкупно 15-те тунели на делницата Бељаковце – Крива Паланка, што претставува важен чекор во реализацијата на железничката врска меѓу двете земји.