Вицепремирот и министер за транспорт, Александар Николоски изјави дека Европската Унија практично ја забрзала постапката за решавање на проблемот со македонските превозници и дека тие за првпат се формално признаени како професионалци во официјален документ на ЕУ. Според него, ова е директен резултат на протестите и на притисокот што го извршија транспортерите.

Николоски истакна дека извршната потпретседателка на Европската комисија закажа вонредна прес-конференција и го промовираше документот под притисок на протестите. Како што рече, неколку часа претходно документот бил споделен и со него.

– Не е тајна дека имам добри меѓународни контакти. Документот е квалитетен, има 19 страници и целосно ги опфаќа новите правила на Шенген-зоната. Во него има клучен момент – возачите се прифаќаат како професионалци, заедно со други категории како спортисти и уметници. Ова е првпат ЕУ да го решава проблемот на ваков начин – изјави Николоски.

Тој потсети дека транспортерите, кога ги започнаа протестите, не барале инстант-решение, туку дијалог. Според него, постоеле три можни решенија, а ова е едно од нив.

– Во вторник ќе има состанок што една година не можеше да се закаже, а вчера беше поместен за вторник. Тоа е силен симболичен сигнал – рече министерот.

Николоски им честиташе на сите што истрајаа на протестите, нагласувајќи дека заедно со премиерот и Владата дале целосна поддршка, за разлика од други влади во регионот, кои, како што рече, се обидувале да ги скршат протестите.

– Тие покажаа колку е сериозен проблемот и никој не успеа да ги скрши. Ние сме во целосна координација со превозниците – изјави тој.

Министерот информираше дека имал средба со претседателката и потпретседателката на најголемото здружение на превозници „Макам-транс“, со кои се договориле по состанокот во Брисел заеднички да ги разгледаат предлозите и заедно да го подготват одговорот.

– Цели градови живеат од транспортот – Гевгелија, Радовиш, Богданци, Кавадарци, но и Скопје. Транспортот е еден од основните двигатели на македонската економија и мора да има целосна поддршка – нагласи Николоски.

Тој изрази оптимизам дека решението ќе се најде навреме. Потсети дека новиот систем за евиденција стартува на 10 април, а според постојниот систем важи правилото 90 дена во рамки на 180.

– Не мора до 10 април да имаме финално решение. По 10 април има уште 90 дена простор. Ако се земат предвид и законските одмори, тие 90 дена стануваат 120 до 150. До лето мора да имаме решение – рече Николоски.

Според него, оптимално е што протестите се случија сега, за да се отвори простор за договор. Очекува во вторник да има конкретно решение, но нагласи дека за имплементација ќе биде потребно време, бидејќи ќе следат усвојувања во земјите членки и во Европската комисија.

– Превозниците се свесни за тоа. Нивното барање не беше проблемот да се реши за седум дена, туку да започне дијалог со Европската комисија. Тој дијалог започна на четвртиот ден од протестите – рече министерот.

Николоски потенцираше дека сега веќе постои официјален документ на ЕУ во кој превозниците се класифицирани како професионалци. Прашањата дали ќе има специјални работни визи и каков режим ќе важи за нив, според него, допрва ќе се доразработуваат.

Тој додаде дека Владата повеќе од една година работела на ова прашање – преку директни контакти, преку други држави, стопански комори и институции на ЕУ – но дека протестите биле клучниот момент кога Брисел сфатил дека станува збор за сериозен проблем со потенцијални тешки последици за економијата.

– Ова не беше политичка, туку бирократска одлука, но можеше да предизвика сериозен економски удар за Македонија, регионот и ЕУ – рече Николоски.

Тој потсети дека токму поради тоа остварил интензивни контакти со Хрватска, Грција и Бугарија и дека проблемот ги засегнал и нивните економии.

– Во најдобар случај, за девет и пол години би биле во Шенген. Не знам како транспортниот сектор и економијата ќе преживееја до тогаш без решение – заклучи Николоски.