Градскиот паркинг на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е наследен проблем кој треба да се реши. Како еден од првите краткорочни решенија на овој проблем е веќе имплементирањето на систем на поставување редари на главниот влез на паркингот на Клинички центар, истакна директорот на „ЈП Градски паркинг – Скопје“, Бојан Христовски.
Како и што најавив пред околу една недела веќе се поставени дополнителни редари на главниот влез на клиничкиот центар. До некаде можам да кажам дека функционира. Според тоа што ме известија вработените, околу 60 до 70 автомобили дневно успеваат да ги вратат од намерата да влезат во паркингот. Секако, не може да им наложат да го направат тоа бидејќи сепак се работи за болница бидејќи луѓето доаѓаат за проблем, но колку што можат успеваат во својата намера, рече Христовски на денешното гостување на утринската емисија „Ја сакам Македонија“ на Сител телевизија.
Тој рече дека 24 часа вработено лице има само на главната каса и потенцира дека за издадените картички ќе има ревизија на работењето и решавање на проблемите со кој се соочуваат корисниците.
Во следниот период ќе се провери дали биле издавани картички на луѓе кои не биле вработени во клиничкиот центар, заклучи Христовски
Тој апелираше граѓаните да ги користат и паркоматите за плаќање паркинг, како и кога плаќаат паркинг да ги оставаат автомобилите на нивното паркинг место, а не на главната улица. Исто така, апелираше корисниците задолжително да бараат фискални сметки. Тој најави нови патокази на клиничкиот центар и воведување на пост-терминали на самите наплатни пунктови.
Христовски најави дека во следниот период овој проблем ќе биде решен, а исто така најави и многу нови проекти за решавање на паркинг просторот во повеќе општини како Аеродром и Карпош.