Досега аплицирале 470 наши државјани, 380 патни исправи се изготвени и доставени до генералниот конзулат, а 252 веќе се подигнати, соопштија од Министерството за надворешни работи (МНР).

-Нашата дијаспора во Минхен одава признание на брзата постапка и олеснетата процедура за добивање на патни исправи – „Многу брзо оди постапката за издавање на пасошот.” „Денеска со сопругот ги подигнавме пасошите. Готови се за месец дена со брзата постапка.” „Сѐ е во ред, се оди со термин. Многу брзо сѐ се завршува“, се наведува во соопштението на Министерството.

За нововоспоставената базна станица во Минхен се изјасни и генералниот конзулот Реџеп Демири, кој посочи дека во разговор со нашите граѓани дознале оти тие ја поздравуваат оваа одлука и многу се благодарни што процедурата за добивање нова патна исправа не трае шест до девет месеци, туку три до четири недели.

Денеска освен во Минхен, базните станици функционираат и во Чикаго, Њу Џерси, Бон, Берлин, Берн, Љубљана, Виена и Лондон, како и мобилните станици во Стокхолм, Брисел, Мелбурн, Торонто и Венеција.