Бугарската влада нема опасност да падне поради предложениот ребаланс на буџетот и истиот ќе биде усвоен, изјави по владината седница министерот за туризам Христо Проданов, кој го коментираше напуштањето на седницата на тројца министри од партијата „Има таков народ“.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Проданов кажа дека министрите од „Има таков народ“ изразиле одредени несогласувања со параметрите на ребалансот на буџетот и за тоа заминале на консултации во нивната партија.

Според него, дискусијата за ребалансот на владината седница била целосно мирна.

Проданов предложи на истиот начин да мине и дебатата во Народното собрание.

Според министерот за туризам, кој е од Бугарската социјалистичка партија, тоа што се случило денеска било нивна одлука и рекле дека за тоа што е предложено како ребаланс на буџетот ќе разговараат во нивната партија.

Министрите од „Има таков народ“ изјавија дека имаат забелешки, но не коментираат конкретно за што.