Секторот за компјутерски криминал при МВР денеска (05.08.2025) поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје против 25-годишниот А.Х. од Скопје, за кривично дело „компјутерска измама“ по член 251-б од Кривичниот законик.

Според пријавата, во периодот од 4 април до 13 јуни 2025 година, А.Х., како одговорно лице на компанија што организира музички настани, преку веб-страница за продажба на билети овозможил онлајн купување влезници за непостоечки концерт, односно концерт кој воопшто не бил планиран и за кој не постоел договор за одржување. Купувачите биле доведени во заблуда со билети за непостоечки концерт, а наплатените износи не им биле вратени.

Од МВР информираат дека Секторот за компјутерски криминал и понатаму активно врши мониторинг на содржини на социјалните мрежи и интернетот, со цел превенција на повикување на насилство, закани по безбедноста, ширење расистички и ксенофобичен материјал, злоупотреба на лични податоци и говор на омраза што содржи елементи на кривични дела за кои се постапува по службена должност.