Собранието денеска треба да продолжи со 79-та, 88-та и 82-та седница.

Пратениците во рамки на 79-та седница вчера расправаа за Предлог-законот за дополнување на Законот за здравствена заштита, по скратена постапка. Гласањето по оваа точка ќе биде закажано дополнително.

На дневен ред на оваа седница се повеќе предлог законски решенија, меѓу кои предлог законот за финансиска инспекција во јавниот сектор и предлог законот за техничките барања за производите и оцена на сообразност, како и предлог-завршната сметка на Буџетот за 2021 година.

Во рамки на 88-та собраниска седница, вчера без расправа заврши претресот по неколку барања за автентично толкување на закони. Заклучокот за сите нив беше дека не се оправдани и нема потреба од автентично толкување од причини наведени во извештајот на собраниската Законодавно-правна комисија.

Се работи за барања за автентично толкување на: член 41 став 2 од Законот за локалната самоуправа, поднесено од претседателот на Советот на Општина Битола; член 44 од Законот за локалната самоуправа, поднесено од градоначалникот на Општина Велес, член 123 точки 1 и 2 од Законот за водите, а во врска со член 6 точки 2 и 3 од Законот за водостопанство – барање поднесено од градоначалникот на Струга.

Заклучено е и дека не е оправдано барањето за автентично толкување на член 40 став 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, поднесено од градоначалникот на Општина Центар, и барањето за автентично толкување на член 39 став 1, а во врска со ставот 2 и членот 67 точка 3 од Законот за туристичката дејност, поднесено од пратеникот Илија Николовски.

Гласањето по овие точки од дневниот ред на 88-та седница ќе се спроведе дополнително.

На 82-та седница предлог-законите за изменување на Законот за судска служба, на Законот за јавнообвинителска служба и на Законот за извршување на санкциите по скратена постапка, како и предлог-законот за изменување и дополнување на Законoт за виното.