Град Скопје работи на заштита на културното наследство и побезбеден сообраќај

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека по долг период на застој продолжува изградбата на улицата „Љубљанска“ и пуштањето во употреба на мостот во Карпош.

„Довербата што ја добив од граѓаните е обврска да се решаваат проблемите кои со години беа наталожени. Денес, со задоволство можам да информирам дека продолжува реализацијата на проектот за поврзување на улицата „Љубљанска“ со „Скупи“, со што овој важен мост на реката Вардар конечно ќе биде ставен во функција на граѓаните“, рече Ѓорѓиевски.

Проектот беше стопиран поради неопходноста од обезбедување мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“, согласно законската регулатива. Градоначалникот посочи дека со сериозна работа и одговорен пристап, потребната дозвола е обезбедена, културното наследство е заштитено, а градежните активности ќе продолжат со засилен интензитет по завршувањето на конзерваторските зафати.

Клучна сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје

„Со комплетирањето на делот од мостот до улицата „Скупи“, ќе се воспостави клучна сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје. Тоа ќе значи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, значително растоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, како и побрз и побезбеден излез кон обиколницата“, истакна градоначалникот.

Проектот предвидува отворање на нова современа сообраќајна оска, со функционално и безбедно решение за влезот во селото преку кружен тек или адаптивна семафоризација, согласно потребите на сообраќајот.

„Нашата цел е намалување на сообраќајниот метеж, целосна заштита на културното наследство кај локалитетот Скупи и обезбедување безбеден и ефикасен проток за возила и пешаци. Унапредувањето на патната и сообраќајната инфраструктура е еден од нашите врвни приоритети, затоа што директно значи подобар квалитет на живот за сите. Скопјани заслужуваат функционален, поврзан и модерен град“, порача Орце Ѓорѓиевски.