Продолжува судењето за трагедијата во Пулс

Со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ продолжува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На денешното рочиште беа повикани пет сведоци предложени од Обвинителството, а пред Судот се појавија четворица.

Се очекува одлука за сведоци кои не се достапни

Јавниот обвинител најави дека на крајот од денешното рочиште ќе се произнесе пред Судот во врска со сведоците со кои не може да стапи во контакт, со цел тие да бидат повикани со судска наредба.

Претходно, Судот го повика Обвинителството да се произнесе по барањето на Љупчо Папазов за укинување на мерката притвор и, доколку Судот утврди основ, да се разгледа можноста за определување мерки на претпазливост.

Јавниот обвинител побара по овој предлог да се изјасни на следната главна расправа, наведувајќи дека во овој момент „ги немаат сите информации“.

Сведоштва за настаните во кобната ноќ

На претходното рочиште пред Судот сведочеше ПР на групата ДНК, кој изјави дека прскалките биле на бендот и биле легално купени од продавница во Кисела Вода.

Сведочеа и редовни посетители на дискотеката, кои ги опишаа настаните од ноќта на 16 март минатата година, кога во пожарот загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Засилени безбедносни мерки и голем број обвинети

Судскиот процес се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, роднините на жртвите и јавноста.

Постапката се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители. Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци предложени од Обвинителството.