Претседателот на собраниската Комисија за локална самоуправа, Драган Ковачки, оствари работна средба со делегација од германската фондација „Конрад Аденауер“. На средбата учествуваа заменик-раководителот за меѓународна соработка на фондацијата, Флоријан Фејерабенд, претставникот Даниел Браун, како и пратеничките Иванка Василевска и Драгана Бојковска.

За време на состанокот, претседателот на комисијата упати благодарност за долгогодишната поддршка што германската фондација во континуитет ѝ ја дава на земјата. Во разговорот беа разгледани досегашните институционални предизвици, со фокус на идните чекори и клучната важност на партнерството со меѓународните сојузници.

Посебен фокус на средбата беше ставен врз евроинтеграцискиот пат на државата, актуелните геополитички состојби во регионот на Западен Балкан и регионалните релации. Беше отворено и прашањето за релациите со Бугарија, при што беше потврдено дека полноправното членство во Европската Унија останува суштинска стратешка цел, важна за стабилноста, просперитетот и иднината на новите генерации.

Претставникот на фондацијата, Браун, изрази благодарност за соработката и гостопримството во парламентот. Делегацијата на германската фондација најави подготвеност за натамошно интензивирање на релациите преку организација на специјализирани обуки, работилници и експертски платформи насочени кон зајакнување на капацитетите на институциите и парламентарната демократија.

Двете страни на крајот се согласија дека интеграцијата во Унијата останува неприкосновен приоритет и констатираа заедничка заложба за продолжување на конструктивниот дијалог.