Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе продолжи со амандманската расправа за ребалансот на Буџетот, во рамките на 38-та седница. Досега се разгледани 13 од вкупно предложените 204 амандмани и ниту еден од разгледаните не беше усвоен.

Ова е шестиот од вкупно десет дена, кои се предвидени според Деловникот за расправа во матичната Комисија.

Вкупно се поднесени 204 амандмани,од кои над 170 од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, 28 на Алијанса на Албанците и два на парламентарното мнозинство.

Пратениците од опозицијата и од власта досега имаа спротивставени ставови. Од опозицијата велат дека преку предложените амандмани, тие се обидуваат да ги подобрат условите за живот на граѓаните и граѓаните помалку да ја почувствуваат енергетската криза. Владејачкото мнозинство, е со став дека, проектираната калкулација во ребалансот ќе обезбеди заштита на стандардот на граѓаните и совладување на предизвиците.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до ,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.