Собраниската Комисија за изборите и именувањата денеска ќе одржи седница, на која треба да продолжи расправата за кандидатурата за уставен судија на Љубомир Јовески, актуелниот републички јавен обвинител.
На вчерашната седница свое излагање имаа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои оценија дека Јовески непрофесионално ја извршува актуелната функција и работи во интерес на власта и од таа причина, според нив, „не е соодветен за функцијата уставен судија“.
По неколкучасовната вчерашна расправа околу 18 часот беше објавена 15-минутна пауза, по која Комисијата не продолжи со работа.
Љубомир Јовески е кандидат предложен од СДСМ и е последен за кој расправа Комисијата. Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ.
Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот