Два дена по земјотресот со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала што уништи област во провинцијата Западна Јава во Индонезија, во кој загинаа најмалку 268 лица, спасувачките екипи и денеска трагаат по 151 лице кое сè уште се водат како исчезнати.

Многу од загинатите во земјотресот што го погоди округот Цианџур се деца кои посетувале религиозни часови во џамиите после училиште, соопштија официјални лица.

– Нашиот фокус е во следните три дена да ги пронајдеме оние што сè уште се водат како исчезнати, изјави Сухарјанто, шеф на Националната агенција за управување со катастрофи.

Според агенцијата, повеќе од 1.000 луѓе се повредени, а 58.000 се раселени по земјотресот, кој предизвика лизгање на земјиште кое затрупа домови и луѓе.

Повеќе од 2.300 згради и домови беа оштетени, од кои многу целосно се урнаа.

Земјотресот се случи во 13:21 часот по локално време со епицентар на 10 километри југозападно од Цианџур, соопшти Националната метеоролошка, геофизичка и климатолошка агенција.

Индонезија се наоѓа на Пацифичкиот огнен прстен, област позната по чести земјотреси и вулкански ерупции.