Собранието на Македонија денеска треба да ја продолжи 104. седница со расправата за разрешувања на заменик-министрите за одбрана, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу.
Расправата почна доцна синоќа со обраќање на премиерот Димитар Ковачевски, а за збор се пријавени 40 пратеници.
Ковачевски од Собранието побара конструктивна дискусија и повтори дека владината реконструкција не е партиски мотивирана, туку е за европска иднина на државата.
Претходно, во рамки на 104. седница беа избрани четирите нови министри во Владата – Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, како и Каја Шукова за животна средина и просторно планирање.