Продолжува судирот меѓу обвинителката Вилма Русковска и Управата за финансиска полиција. Откако вчера Русковска поднесе жалба на одлуката за нејзина суспензија, во изјава за медиумите рече дека не дошле до докази во случајот со Управата за финансиска полиција бидејќи од бараните 300 предмети, им биле доставени само 30-тина од кои повеќето воопшто не ги барале. По ова, реагираше Управата за финансиска полиција тврдејќи дека постапиле по барањето и освен 35 предмети, обезбедиле уште 150 предмети за кои Обвинителството ги известило со допис.

– Не дојдовме до докази зашто ние со претресот ги набројавме точно кои предмети треба да ни бидат доставени. Се работи за околу 250 до 300 предмети од кои ни беа доставени 30-тина, повеќето од кои воопшто не ги баравме. Сè уште нема доставено скоро ниту еден предмет од тие кои ги имаме побарано, изјави вчера Русковска.

Рече дека не знае што ќе биде со предметот поврзан со Управата за финансиска полиција бидејќи во решението за нејзина суспензија било наведено дека предметите треба да ги предаде на колешка, а таа е на годишен одмор.

– А, таа не може да ги работи бидејќи и против нејзе има дисциплинска постапка, рече Русковска.

Од Управата за финансиска полиција, ваквите тврдења на Русковска ги оквалификуваа како невистини. Во соопштението испратено до јавноста, од Управата наведоа дека со наредбата за претрес и барањето за податоци се барале сите анонимни кривични пријави доставени до Управата за финансиска полиција од 2018 година до денот на претресот, односно денот на одговор по барањето.

Оттаму вчера појаснија дека во барањето за податоци даден им е рок за постапување од 10 дена и истиот започнал да тече од 18 јули 2022 година. Седум дена по претресот и барањето, односно на 25 јули, кога Управата за финансиска полиција излезе со соопштение во јавноста во кое информираше за претресот и поднесените претставки поради сомнение за злоупотреби од страна на Русовска, во 14 часот во Управата пристигнал допис со кој се барало веднаш да ги достават дотогаш прибраните предмети и списи.

Управата за финансиска полиција, како што информираа, во тој момент располагала со обезбедени 35 предмети и тие беа веднаш доставени во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а дополнително биле обезбедени уште 150 предмети за кои со допис е известено Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

– Во дописот, меѓудругото е наведено следното „ Согласно член 287 ст.2 од Законот за кривична постапка „Субјектите од ставот (1) на овој член се должни на јавниот обвинител да му достават податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи кои му се потребни во текот на постапката. Јавниот обвинител има право да бара податоци, известувања, документи, предмети, банкарски сметки или списи и од други правни лица и од граѓаните за кои може основано да смета дека располагаат со такви податоци или информации.“, а имајќи го предвид Извештајот од извршениот Надзор од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во кој што извештај е констатирана ненадлежност на обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска да постапуваат по конкретниот предмет РО бр.155/22, Ве молиме писмено да не известите на чие надлежно постапување, согласно одредбите од Законот за јавно обвинителство е доделен предметот РО бр.155/22, а со цел од страна на Управата за финансиска полиција на надлежниот јавен обвинител да му бидат предадени бараните податоци/ предмети и воедно со надлежниот обвинител да биде составен Записник за примопредавање на предмети.“, посочија вчера од Управата за финансиска полиција.

Обвинителката Русковска вчера поднесе жалба на нејзината суспензија. Во изјава за медиумите, таа рече дека суспензијата не ја смета за суспензија против неа, туку за суспензија на правото и суспендирање на правдата.

– Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет после ова што ми се случи мене, не верувам дека кој било колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите, изјави Русковска.

Русковска беше суспендирана од страна на републичкиот јавен обвинител откако против неа беше поднесена кривична пријава од страна на директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми. Решението за суспензија е донесено врз основа на член 81 од Законот за јавно обвинителство.

Муареми ја поднесе кривичната пријава против Русковска откако на 18 јули беше извршен претрес во Управата за финансиска полиција по што почнаат обвинувањата меѓу Русковска и Муареми кои резултираа со суспензија на Русковска и повлекување на Муареми од директорката позиција.