Продолжува потрагата по 14-годишната Вања Ѓорчевска. Прегледани се над 50 камери, проверени се подруми, манастири, речното корито на Вардар.

Петти ден ја нема, а сите страни се ангажирани. Формиран е посебен штаб заедно со родителите, роднините и соучениците на исчезнатото девојче. Сослушани се десетици лица, а полицијата има земено и електронски уреди кои во моментот се вештачат.

Имаме опсежна активност, тука нема да се застане, вели министерот за внатрешни работи Спасовски.

Вознемирувачки содржини за исчезнувањето на Вања постојано се шират на социјалните мрежи. Семејството и полицијата апелираат да не се шират дезинформации затоа што ја попречуваат истрагата.

Спасовски рече дека системот „Безбеден град“ функционира, но дека системот за препознавање лице ќе биде инсталиран на 10-ти декември.

Во потрагата по Вања веќе се вклучи и Интерпол. Сликата на исчезнатото 14-годишно девојче ја објавија сите балкански земји.