Конфликтот се проширува, а војната на Блискиот Исток и понатаму продолжува. Она што започна меѓу Израел и Хамас, сега се шири и на територијата на Сирија и Либан. Советот за безбедност треба да решава за траен мир во Појасот Газа каде не престанува операцијата на израелската војска.

Во време кога два американски носачи на авиони од најновата генерација пловат во водите околу Блискиот Исток, секретарот за одбрана Остин пристигна во еднодневна посета на Израел. Првиот човек на Пентагон ќе разговара со израелското раководство за најновата иницијатива на некои европски политичари за постојан прекин на огнот.

Но, операцијата за ликвидација на терористичкиот Хамас и натаму не запира. Израелската војска ги чисти подземните бункери на Хамас во Газа, додека од појасот пристигнуваат информации за нови жртви и повредени, меѓу нив и деца. Притоа биле убиени и тројца заложници.

„Ваквата состојба и не мораше да се случи. Но, нашите цели се и натаму уништување на Хамас, враќање на безбедноста во газа и ослободување на заложниците“, изјави Херзи Халеви – началник на Генералштабот на израелската војска.

Израел во меѓувреме предупреди и на зголемениот број напади на проирански Хезболах од југот на Либан.

„Откако Хезболах ги почна нападите, израелските одбранбени сили одговараат на нападите. Хезболах, сојузник на Иран, го вовлекува Либан во непотребна војна која ќе има уништувачки последици за либанскиот народ. Тоа е војна која не ја заслужуваат“, изјави контраадмиралот Даниел Хагари-воен портпарол на Израел.

Дестабилизацијата на Блискиот Исток повремено се префрла и на територијата на соседна Сирија. Британската опсерваторија информира за нови руско-сириски ракетирања на Алепо, еден од најстарите градови во светот, каде што се стационирани Белите шлемови, опозицијата на претседателот Ал Асад.

„Артилеријата на режимските сили погоди цивилни домови и продавници во Дарат Аза, има загинати во населбата“, изјави доброволец на Белите шлемови-Сирија.

За појасот Газа и за траен прекин на огнот денес треба да расправа Советот за безбедност на Обединетите нации. Шансите за мир се мали, поради несогласувањата на петте суперсили членки на Советот.

Поради ракетирањата на северот од земјата, раселени се 80 илјади Израелци, рече Хагари.

Војната во Појасот Газа трае веќе 10-та недела, убиени се околу 19 илјади луѓе, меѓу кои осум илјади деца, информира Црвената полумесечина. Израелскиот одговор беше предизвикан со нападот на Хамас на седми кога беа убиени 1.200 луѓе, киднапирани 240, од кои над 100 заложници беа ослободени во ноемвриското примирје.

Извор: МРТ