Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети од Чаир ги повика сопартијците да останат обединети. Без да споменува имиња, но алудирајќи на Фракцијата на незадоволните во партијата, Ахмети рече дека мора да ја зачуваат партијата, пренесува Алсат.

„Сè што постигнавме, постигнавме заедно… и она што го постигнавме и оваа тврдина што ја изградивме од камен и тула, ги направивме заедно, затоа мора заедно да ја зачуваме, да не ни ја загрозат другите затоа што ДУИ, вие, сте единствените кои ја знаеа вредноста и ја плативме цената на достигнувањата што ги имаме. Тоа го имаме како обврска, морална и национална обврска“, рече Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Ахмети и функционерите кои стојат зад него дојдоа во Чаир за да му честитаат на новиот претседател на огранокот Беким Незири, кој ја презеде функцијата по изборите, по што од оваа функција го исклучија Изет Меџити. Досега, од Огнената група не реагираа на говорот на Ахмети.

Меџити пред неколку дена изјави дека нестатутарните избори во ограноците на ДУИ конечно ја исцрпиле можноста оваа група да функционира и понатаму во рамките на ДУИ и дека ќе ја разгледаат можноста за формирање ново политичко движење. Но, другите членови на фракцијата како Блерим Беџети, Невзат Бејта и Муса Џафери се изјаснија против формирањето на нов политички субјект.