И денеска продолжуваат интензивните партиски и активности на независните кандидати за градоначалници и советници. Најавени повеќе митинзи и средби на кои граѓаните во 80-те општини и Градот Скопје ќе можат да ги слушнат понудите на партиските и независните кандидати.

Коалицијата предводена од СДСМ централни собири ќе одржи во Тетово и Ѓорче Петров, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!“ во Куманово и во Кисела Вода, а ДУИ ќе ја продолжи кампањата во Студеничани. Независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, пак, ќе одржи прес-конференција, а во Кичево, Демир Хисар и во Маврово-Ростуше предизборни активности на ќе има движењето „Одлучно за промени“, предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев и носители на листи ќе отворат канцеларии во Кавадарци и во Неготино, а кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Ана Петровска, заедно со независната советничка листа на Зелен Хуман Град, ќе ја промовираат програмата во Градскиот парк во Скопје. Прес-конференција во паркот во оштина Ѓорче Петров ќе одржат кандидатите за градоначалник на град Скопје Арбен Бени Шакири и кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров Љупчо Јаневски. Кандидатот за градоначалник на Град Скопје и носителот на советничката листа, Александар Тортевски и Агим Јонус ќе ја претстават програмата за Град Скопје пред седиштето на Твоја партија. Изборните активности на Движењето Беса денеска ќе продолжат во Порој.

Политичките партии и независните кандидати во текот на изминатата недела од почетокот на кампањата своите програми за овие локални избори ги претставија во повеќе градови и населени места во земјава. Тие ги повикуваат граѓаните што помасовно да излезат на Локалните избори 2021 и да го дадат својот глас.

Лидерот на СДСМ Зоран заев од митингот во Виница порача дека партијата инвестира во сегашноста и иднината и нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да ја растура државата. Најдобар доказ како треба да се работи, според него, е општина Виница.

Реализацијата на инфраструктурни и комунални проекти во изминатите четири години во Виничко, рече, е показател како се работи одговорно и според европски стандарди, наспроти претходниот осумгодишен период исполнет со стагнација и разграбување на јавните пари.

– ВМРО-ДПМНЕ не може да испорача проекти за граѓаните, бидејки ова ВМРО-ДПМНЕ е изданок на режимот којшто е навикнат да ги краде народните пари и затоа е опасно да им се довери раководењето со некоја општина или со државата. Додека сиромашни спиеја по улиците, млади беа тепани и заминуваа од државата, наставници беа уценувани, лекари беа деградирани, ВМРО-ДПМНЕ злоупотребуваше милиони евра за изградба на околу 300 споменици, истакна Заев.

Пред граѓаните на Виница тој претстави и дел од проектите што се од значење за развојот на локално ниво, а за кои поддршка дава и државата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во обраќањето на митингот во Гостивар, ја обвини актуелната власт дека не води грижа за народот, кој како што рече е западнат во сиромаштија и се мачи да да го помине од први до први месецот. Оттука, рече тој, нашата задача е да се исправи неправдата.

– Ние мора да ја исправиме неправдата. Мора да се бориме и да се бориме за она што веруваме. Јас во Гостивар гледам луѓе подготвени да се борат. И знаете со оваа власт не може да биде подобро. Сите знаеме дека волкот влакното менува, ама не и карактерот. Со овие не може да е подобро, затоа се потребни промени, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој оцени дека нашата држава денес е најкорумпирана во Европа. Според него, државата ја водат политичари криминалци во Владата и, како што нагласи, тоа е наш колективен срам. Зборувајќи за важноста од овие избори, Мицкоски додаде дека шансата за да се промени тој срам е 17-ти октомври, а вината ја посочи во актуелната власт.

Претседателот на Демократската Унија за Интеграција, пак, Али Ахмети во својот говор ја истакна големата поддршка за Албанците од Велес и посветеноста да се продолжи патот на развојот на нивниот живот и нивната факторизација преку имплементацијата на зелената агенда.

-Во овие дваесет години инвестиравме во кадри, инвестиравме за да не се поделат Албанците, инвестиравме и едуциравме кадар за да се занимава со работа, програми и проекти, со идеи и визии, а не со пцовки и навреди. Срамно е за нас да навредуваме или да ги клеветиме другите, и ние никогаш нема да го сториме тоа, и покрај тоа што ова го прават другите, но ние се надминавме себеси затоа што ги ставивме интересите на нацијата над се друго. Има многу проекти, проекти кои ќе се реализираат преку кадарот што ќе победи на овие избори за градоначалници, кои ќе ја спроведат програмата со која ќе излезат и ќе им ветат на граѓаните, рече Ахмети.

Нагласи дека партијата сега излегла со зелената агенда затоа што сметаат дека нормативниот дел од Охридскиот Договор е завршен.

-Останува да се материјализираат прашањата, како што е законот за албанскиот јазик кој е официјален јазик, но има простор за негово унапредување и за тоа веќе се воспоставени релевантни институции и тие мора да бидат одговорни за имплементацијата на јазикот. Ние како легислатив ја завршивме нашата работа, органите задолжени за имплементација мора да ја завршат својата работа. Проценивме дека е потреба на времето, и кој друг би можел да го направи овој скок и да излезе со платформа толку модерна, колку и национална. Оваа агенда е агенда на животот, рече Ахмети.

Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, во обраќањето до присутните на средбата во Кичево, главен акцент стави на миграцијата на младите и нивното забрзано иселување од градот и земјава.

-Сериозно сме загрижени за иселувањето на младите кои масовно го напуштаат градот и тоа само поради уништувањето на институциите, нивната приватизација и неодговорно раководење, со што создаваат несигурност и страв за иднината на младите, што е карактеристично за целата земја. И покрај евидентните проблеми што ги карактеризираат сите општини предводени од ДУИ, за жал тие повторно се натпреваруваат со старите немотивирани и корумпирани кадри, на кои единствена мотивација им е да опстанат на власт за да ја задржат својата удобност и богатство, истакна меѓу другото претседателот на АА.

Изборната кампања за Локалните избори 2021 започна на 27 септември, а треба да заврши на 15 октомври.