Министерството за внатрешни работи во изминативе денови спроведува засилени акциски контроли на патиштата низ државата. Само во текот на вчерашниот ден казнети се 325 возачи за возење со брзина погилема од дозволената.
– На територијата на СВР Тетово полициските службеници санкционирале 194 возачи, од страна на Мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи се изречени 47 мерки, а останатите се од страна на полициски службеници од СВР Охрид, СВР Куманово и СВР Скопје, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес – конференција во Тетово.
Додаде дека 38 возачи возеле со дури 70 километри на час над дозволената бризна, а 146 со брзина од над 50 километри на час над дозволеното.
– Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови, а евидентно е дека имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви во сообраќајни незгоди, 2020 година е година со најмал број на жртви (125). Покрај сообраќајните контроли, спроведуваме и превентивни акции со цел да ја зголемиме сообраќајната култура. Од овој месец заеднички со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот ја почнавме кампањата за користење на сигурносен појас, а во тек се и други превентивни активности, појасни Ангеловски.
Портпаролот Ангеловски најави продолжување на засилените контроли и апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.
Со најновите измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од 18.12.2020г., направени се измени и дополнувања со кои дел од глобите се намалени, а се укинуваат и негативните поени.
Зголемена брзина во населено место
На јавен пат во населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 50 километри/час, односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за негов дел.
Глоба во износ од :
400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече, на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 50 km/h над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од шест до 12 месеци.
300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 km/h, над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци.
45 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 10 до 30 km/h над дозволената брзина
10 евра во денарска противвредност ќе му се изрече, на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема до 10 km/h над дозволената брзина.
Зголемена брзина надвор од населеното место
На јавен пат надвор од населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од:
130 km/h на автопат;
110 km/h на пат резервиран за сообраќај на моторни возила и
90 km/h на други патишта.
Предвидени глоби од:
400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 70 km/h над дозволената брзина.Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од шест до 12 месеци.
300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 50 до 70 km/h над дозволената брзина.Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци.
45 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 km/h над дозволената брзина.
20 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач кој надвор од населено место се движи со брзина поголема до 30 km/h над дозволената брзина.