Проекции за постепен раст на БДП во следните три години

Светска банка прогнозира реален раст на БДП од 3,1 проценти во 2025 година, 3 проценти во 2026-та и 3 отсто во 2027 година за земјава.
Во најновиот извештај се наведува дека прогнозите се повисоки во однос на пролетниот извештај, при што растот е ревидиран нагоре за 0,4 процентни поени за 2025, 0,3 за 2026 и 0,2 за 2027 година.

Проценките се засноваат на податоци достапни до 20 септември 2025 година, а според Светска банка, тие ја одразуваат стабилноста на економијата во услови на глобални предизвици.
Во извештајот се наведува дека економскиот раст во Западен Балкан се очекува да забрза во 2026 година и дополнително да закрепне во 2027, поддржан од зголемување на инвестициите и постепено заздравување на извозот.

Светска банка повикува на создавање квалитетни работни места

Во извештајот се нагласува дека, за регионот да го продолжи приближувањето кон Европската Унија, клучно е да се фокусира на отворање квалитетни и одржливи работни места.

„Економскиот раст во Западен Балкан во 2025 година забави бидејќи инфлацијата предизвика намалување на потрошувачката, а зголемената несигурност ги ограничи трговијата и инвестициите, и покрај постојаниот раст на платите и кредитите. Фискалната политика, иако делумно олабавена, останува дисциплинирана со дефицит под 3% и јавен долг на надолна траекторија,“ стои во извештајот на Светска банка.

Во редовниот економски извештај се предвидува дека просечниот регионален раст во 2025 година ќе изнесува 3,0 проценти, што е за 0,2 процентни поени помалку од пролетната проекција.
За 2026 година растот се очекува да достигне 3,1 проценти, а во 2027 година 3,6 проценти.

„Западен Балкан напредува во намалувањето на развојниот јаз во однос на напредните економии на Европската Унија, но растот сепак не е доволен за да се затвори овој јаз,“ изјави Шаокинг Ју, директор на дивизија за Западен Балкан во Светска банка.

Тој додаде:

„За да му се помогне на регионот, важно е да се преформулираат стратегиите за работни места: охрабрување на поголемо учество на пазарот на труд, подобрување на вештините на населението и раст на фирмите преку дигитални надградби.“