Професорот на Факултет за безбедност и поранешен началник во МВР, Марјан Николовски во „Тема на денот“ на МРТ  направи криминалистичка анализа на вооружениот напад во трговиот центар „Ист Гејт“.

Николовски вели дека многу фактори укажуваат дека се работи за добро подготвен акт.

-Се работи за добро организирана криминална група и неколку фактори укажуваат на тоа. Напаѓачот не е сам, има логистика, луѓе кои го следеле. Самиот начин на извршување на делото, со пукање во грб, е карактеристика на мафијашкиот тип на криминални групи. Она што особено е интересно за овој случај е заштитата од идентификација. Тој носи качкет, медиумите објавува дека носи маска на лицето, но особено интересни се големите слушалки на извршителот. Во форензичката наука има неколку методи на идентификација на личности, би ги споменал папиларните линии, ДНК анализа, препознавање по лик и препознавање по ушната школка. Во овој случај гледаме дека најголемиот дел од начините на препознавање не се познати, што укажува на тоа дека се работи за добро подготвен акт или професионално убиство, објаснува професорот.

Според последните информации во Македонија има околу 180.000 парчиња легално оружје и најмалку двојно повеќе нелегално. Николовски смета дека оваа бројка треба да загрижува.

-Една од основните закани за државата е големата количина за нелегално оружје, тоа нелегално оружје се влече со децении. Мислам дека се уште имаме голема количина на нелегално оружје. Ако се направи анализа на извршените убиства со огнено оружје, ќе се види дека најголемиот процент е извршено со оружје набавено на црниот пазар, посочува професорот во гостувањето во дневникот на МРТ.