Во Гостивар е прогласена епидемија поради зголемениот број граѓани со стомачна инфекција и надминувањето на неделниот лимит на заболени. Одлуката попладнево ја донесе Центарот за јавно здравје Тетово, преку епидемиолошката служба во Гостивар, објави „Гостиварпрес“.

Од службата информираат дека состојбата редовно се следи, се анкетираат заболените пациенти и се преземаат соодветни мерки.

„Поради зголемен број заболени, надминување на лимитот на неделно ниво пријавуваме епидемија на подрачје на Гостивар. Редовно ја следиме состојбата, анкетираме заболени пациенти, се преземаат мерки“, соопштија од епидемиолошката служба.

Бројот на заболени со стомачна инфекција и натаму расте, а состојбата се следи на дневно ниво. Во последните 24 часа во гостиварската болница биле прегледани околу 200 пациенти на Инфективното одделение и околу 110 деца на Педијатрија.

Најголемиот дел од пациентите имале симптоми на дијареа, повраќање и дехидрација. Во Итната помош во истиот период се јавиле 290 лица.