Владата прогласи Кризна состојба од 30 дена со цел справување со пожарите и заштита на населението
Кризна состојба од 30 дена е прогласена од страна на Владата, поради зголемениот број пожари и екстремно високите температури, кои го усложнуваат дејствувањето на надлежните институции на терен. Одлуката беше објавена денеска на прес-конференција од страна на владиниот портпарол Марија Митева.
Вклучени се сите државни институции
Одлуката следи по денешната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за кризи, а согласно неа се активираат сите институции – Армијата, полицијата, ЦУК, ДЗС, противпожарните служби и локалната самоуправа.
„Се мобилизираат сите ресурси – човечки, технички и логистички – со цел да се заштитат граѓаните и да се спречат поголеми последици“, изјави Митева.
Апел до граѓаните за внимателност
Митева апелираше до граѓаните да бидат максимално внимателни и да ги почитуваат сите мерки, забрани и препораки во услови на криза. Владата, додаде таа, ќе обезбеди итна и навремена помош на сите засегнати региони.