-Мојата визија е, преку брзи и сигурни решенија, Скопје да стане вистинска метропола каква што заслужува. 15 + 1 проекти треба брзо и ефикасно да го сменат начинот на живот на скопјани и да овозможат брз развој на градот. Веќе ги презентирав двата големи, стратешки проекти за достапен и еколошки јавен превоз: бесплатен јавен превоз и 250 нови еколошки автобуси. Тоа е еколошка алтернатива за автомобилите што треба да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот, сообраќајниот метеж, изјави Арсовска.

Таа потенцираше дека и покрај коментарите дека градот нема доволно средства за вакви проекти, сите ветувања се базирани на пресметки, факти, извори на финансирање, конкретни параметри и индикатори. На располагање се и европските фондови за финансирање на зелената транзиција во превозот на патници.

-Градот ќе креира нова и посебна програма за сите заборавени населби. И веднаш ќе почне да ги решава проблемите. Администрацијата во градот Скопје и јавните претпријатија уште првиот ден ќе добијат налог да ги утврдат сите конкретни проблеми, слабости и недостатоци, и за нив да дадат решенија. Неприфатливи се одговори дека е невозможно во 21 век делови од Скопје да ги немаат основните услови за живот – како што се канализација, вода, асфалт, автобуски превоз, смета Арсовска.

Кандидатката за градоначалник на град Скопје на конференцијата ги претстави и десетте клучните области во кои таа ќе дејствува и понуди стратешки проекти за секоја област.

Во областа на економијата, таа најави иницијатива за креирање на меѓународен проект за првиот информатичко – иновациски парк во државата, Скопје ИНОПАРК – современа и иновативна инфраструктура наменета за развој на високо технолошки компании и креативни тимски работни процеси на старт ап компании. Потоа е спроведувањето на идејата за дигитален град – SMART СКОПЈЕ со што се опфаќа проширување на оптичката мрежа во градот, паметни системи за наводнување и осветлување на јавните простори. Третата област е еколошката мобилност и креирањето модерна инфраструктура за велосипеди со креирање на нови велосипедски патеки за безбедно поврзување на сите делови од градот. Како четврта клучна област го постави образованието и фокусот на младите, со што кандидатката се обврза да биде предводник во изградба на модерна образовна инфраструктура и современи услови за учење според ЕУ стандарди. Таа најави и еднакви можности за образование за сите (стипендии за ученици и студенти од социјално загрозените семејства, грижа за учениците со попречености), но и силни инвестиции во наставниот кадар. Во истата област, Арсовска најави и модернизација и реконструкција на постоечката градска библиотека „Браќа Миладиновци“.

Зелениот план за Скопје опфаќа активности поврзани со расчистувањето на дивите депонии, проектот Водно како зелен штит на Скопје, но и реконструкција на парк-шумата во Гази Баба и Матка, кои се оставени без грижа, инвестиции и без заштита. Поддршка на спортот, културата, каде спаѓа брзо решение за објектот на Универзалната сала во Скопје, отворање на нова концертна арена на отворено, заживување на чаршијата и занаетите се дел од проектите во програмата. Во истата област Арсовска најави и враќање на заборавените манифестации и фестивали, и организаирање најмалку еден фестивал за секој месец во годината.

Како клучна област девет во програмата се предвидува социјална и здравствена заштита која ќе ја понуди градот на повозрасните, на лицата во ризик, лицата со попреченост, и сите на кои им е потребна помош и поддршка. Во програмата предвиден е посебен дел за превенцијата на пожарите и другите природни непогоди преку инвестиција во кадар, во нови противпожарни возила, во опремата и во достоинствени услови за нашите херои од противпожарната бригада.