Македонија2025 го објави отворениот повик за проектот ЛИДЕР, кој по 15-ти пат ќе се одржи од 8-ти до 19-ти мај 2023 година во Скопје. Проектот се реализира во соработка со Ivey Business School – Western University, кои ја организираат програмата уште од 1991-та година.
Оваа програма претставува десетдневна MBA (Management and Business Administration) обука, која ги охрабрува и поттикнува македонските претприемачи да развијат локални бизнис решенија, кои ќе создадат нови можности за социјален и економски општествен развој.
Преку интерактивни методи на учење со „студии на случаи“, учесниците ќе имаат можност да се стекнат со корисни дополнителни знаења и вештини за секоја фаза од развој на бизнисот, поврзани со изработка на стратегија, финансии, маркетинг, промоција, продажба и развој, како и целосно да го развијат чувството за бизнис. По завршување на предавањата, учесниците ќе имаат можност за индивидуална менторска сесија со некој од инструкторите од „Ivey“ школата и/или ментори обезбедени од Македонија2025.
На повикот може да се пријават учесници до 35 години – претприемачи, менаџери, сопственици на компанија, млади професионалци од бизнис сферата и сите кои се заинтересирани да ги продлабочат своите знаења од областа на бизнисот и претприемништвото.
Инструкторите на проектот ЛИДЕР доаѓаат од канадската Ivey School of Business, а на пријавените кандидати ќе им помогнат да воведат новитети во работењето на нивниот веќе постоечки бизнис или пак да ги претворат своите идеи во успешни бизниси на пазарот.
Повикот е отворен до 20-ти март 2023 година. Повеќе информации за критериумите и начинот на аплицирање ќе најдете на официјалниот отворен повик достапен ТУКА.