Производство на пченица во Македонија со зголемени приноси и откуп за стоковни резерви

Производство на пченица во Македонија, според податоците на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, бележи зголемување од 2% во 2025 година. Ова е раст во однос на минатата година.

„Оваа година, за разлика од минатата, имаме зголемување од 2% во делот на површините кои беа засеани со пченица во 2025 година. Согласно првичните податоци од науката и теренските сондажи, бележиме сериозен раст во делот на просекот кој ќе биде на државно ниво – тој ќе се движи оваа година над 4 тони по хектар“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

„Овие 70.000 хектари кои ги имаме во евиденцијата како Министерство, засеани со пченица, ќе дадат просек кој е многу поголем од минатите години. Ќе добиеме производство од 280 до 300.000 тони пченица, со што ќе се задоволат домашните потреби“, додаде тој.

Трипуновски потсети дека во минатото, главната забелешка беше што државата дозволуваше стоковните резерви да се полнат со увозна пченица, наместо со домашно производство.

„На владина седница донесовме одлука каде што преку Агенцијата за стоковни резерви од индивидуалните земјоделци ќе се врши откуп на 9.000 тони пченица за потребите на стоковните резерви“, појасни министерот.

Тој истакна дека стоковните резерви ќе бидат полнети во повеќе региони низ Македонија, вклучувајќи го битолскиот регион, прилепскиот регион, делови од Овчеполието и подрачја во Западна Македонија.