На промоцијата на кампањата за кревање на свеста за оваа појава најавени се обраќања на Каталин Тамус, раководител на програми, Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на државата Стево Пендаровски, Фрејк Јанмат, оперативен раководител за економски развој, владеење на правото и јавна администрација од Делегација на Европската Унија во Скопје, Весна Бендевска, претседателка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Филип Поповски, генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија.
На настанот ќе присуствуваат и амбасадорите против говорот на омраза и јавни личности кои ќе ја поддржат кампањата вклучувајќи ги и Љуљета Адеми – активистка и лингвистка, Денис Јанкуловски – здравствен работник и Европеец на годината за 2021 година, Огнен Јанески, тв-водител и активист за човекови права, Силвана Мучиќ Плевнеш – популарна пејачка и дел од популарната група „Силви бенд“, Бесфорт Идризи, и младите европски амбасадори, Дона Срдиќ и Албрие Џемаили.
Целта на кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ е да ја крене свеста околу различните форми на говор на омраза кои таргетираат специфични заедници и поединци во македонското општество, како и да промовира различни начини за спротиставување на говорот на омраза. Кампањата ќе започне да се спроведува онлајн, преку различни канали на интернет и на социјалните мрежи, но и преку традиционалните медиуми и со јавни настани.