Оваа рамка како долгорочна визија за развојот на иднината на земјата, ги утврдува политиките кои треба да се постигнат до следната деценија и областите во кои треба да се фокусира државата со цел напредок и подобар живот на граѓаните.
„МКД2030“ е автентичен документ изработен преку консултативен процес со бизнис секторот, граѓанските организации, академска заедница и истакнати професионалци од повеќе области.
Приоритетите што ќе произлезат од „МКД2030“ ќе бидат референтната точка, според која ќе се калибрира Националната развојна стратегија 2021-2041 која како следна фаза треба да се надоврзе на „МКД2030“.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање посочи дека основната задача е препознавање на виталните приоритети без кои развојот би бил невозможен.
– „МКД2030“ е потребно да биде остварлива. Како држава располагаме со ограничени човечки и финансиски ресурси и не треба да губиме време на прашања кои ги надминуваат нашите способности и ресурси. Верувам дека реалната состојба ни е позната на сите – иселувањето на младите продолжува, пасивност на електоратот, ниска доверба во институциите, длабока поделба во општеството по повеќе основи и зголемена нееднаквост во примањата, посочи Пендаровски.
Од овие причини, истакна претседателот, потребно е преосмислување на постулатите на нашиот економски и социјален развој и споделена визија за разојот на државата, поткрепена со национален консензус и координирани политики согласно реалните потреби и очекувања на граѓаните.
– Таквите политики мора да се остваруваат на ефикасен начин без непотребно трошење на ограничените ресурси. Затоа, уште на почетокот на мојот мандат го иницирав проектот „МКД2030“ како стратешка рамка за развој на Северна Македонија до крајот на оваа деценија. Документот ќе содржи проценка на силните страни во ресурси и човечки капитал и ќе ги утврди слабостите каде се потребни повеќе ресурси, труд и вложување, истакна Пендаровски.
Инаку, како што соопштија од кабинетот на Претседателот, „МКД2030“ се фокусира на дигитализација, децентрализација и демократизација, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, па се до образование и наука и борба против иселувањето на младите од земјава. Со документот ќе бидат опфатени и приоритети кои не се засебни, а се однесуваат на повеќе сектори, како што се изградба на ефикасна јавна администрација, создавање еднакви можности и борба против корупцијата.
Стрaтегијата треба да биде финализирана во средината на 2022 година.