Полициски службеници привеле велешанец, откако при претрес на неговата куќа и помошни простории биле пронајдени пет поголеми пакувања марихуана, капсули и околу 50.000 денари, соопшти Министерството за внатрешни работи.
– По наредба од судија на претходна постапка, денеска полициски службеници од СВР Велес – Отсек за недозволена трговија со дрога и оружје, а по претходна координација со Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Бирото за јавна безбедност, извршија претрес на куќа и помошни простории на Н.Ц. (28) од Велес. При извршениот претрес, во дворот на куќата пронајдени се пет поголеми пакувања во кои имало по околу еден килограм марихуана- вкупно околу пет килограми, а биле закопани во дворот, информираат од МВР.
Како што посочуваат од МВР, марихуана била пронајдена и во неговото патничко моторно возило „форд фиеста“ и во соба во куќата, каде покрај марихуана се пронајдени и капсули и околу 50.000 денари, за кои постои основано сомнение дека потекнуваат од продажба на дрога.
Лицето е приведено и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 до ОЈО Велес