Продолжуваат операциите на израелската војска во јужниот дел на палестинската енклава, додека бројот на ексхумирани тела од масовната гробница во Кан Јунис достигна речиси 300.

Цивилната одбрана во Газа го обвини Израел за злосторства

„Голем број жртви чии семејства не можеа да ги погребаат на гробиштата поради офанзивата во Кан Јунис морале да ги закопаат тука. Но бевме изненадени од бројката кога дојдовме да ги ексхумираме. Огромниот број тела укажува дека имало масакр и злосторство извршено зад ѕидовите на болницата Насер“, изјави Д-р Мохамед, цивилна одбрана во Газа.

Блинкен се огласи за Газа

Војната во Газа значително ги наруши човековите права-државниот секретар Блинкен го објави Годишниот извештај на Американскиот стејт департмент. Изјави дека САД не применуваат двојни стандарди во својата политика во однос на Израел.

„Додека ги разгледуваме човековите права и состојбата на човековите права низ светот, го применуваме истиот стандард за сите. Не се менува дали земјата за која станува збор е противник, конкурент, пријател или сојузник“, изјави Антони Блинкен, државен секретар на САД.

Неуспешни апели за деескалација

И покрај апелите за деескалација на тензиите на Западниот Брег, Израел изврши нови рации. Има ранети. Тел Авив ги критикуваше плановите на сад за санкционирање на израелска воена единица за наводно кршење на човековите права на Западниот Брег.

„Доколку некој војник направи грешка, ќе бараме од него одговорност. Ова е одговорност на воениот естаблишмент. Никој во светот нема да не научи што е морал, а што норми. Знаеме како да се грижиме за нашите норми и како да се однесуваме. Наша одговорност е да го браниме Израел“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Израелските власти најавија дека ќе ја прошират хуманитарната зона пред стартот на офанзивата во Рафах. Во меѓувреме, ЕУ ги проширува санкциите за иранските производители на дронови и проектили. Чекорот е за жалење-оцени Техеран.