При изведување градежни работи во близина на поранешниот гарнизон во Битола се пронајдени 1 408 стари пушки, кои потекнуваат од минатите балкански војни, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пронајденото оружје, додаваат од ЦУК, е подигнато и складирано на безбедно од екипи на битолската канцеларија на Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ).

Од Центарот апелираат до граѓаните доколку случајно пронајдат оружје, бомби, гранати и слични неексплодирани бојни средства од минатите војни да не ги допираат и поместуваат, туку само да пријават на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК.

„Потоа надлежните за Неексплодирани убоити средства (НУС) од Системот за управување со кризи безбедно ќе ги отстранат и неутрализираат, согласно стандардни оперативни процедури“,велат од ЦУК.

Инаку, стари пушки и муниција, кои потекнуваат од Балканските војни, беа пронајдени и минатата недела, исто така, при вршење ископ во старата касарна во Битола.

На 22 и 23 мај, како што информираа тогаш од ЦУК, на местото беа најдени и подигнати од пиротехничар на ДСЗ 413 пушки, една артилериска граната со калибар од 95 милиметри и 30 куршуми.